Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува производителите на пченица и јачмен кои производството од реколта 2023 година го имаат складирано кај регистриран складиштар дека е во тек поднесување на барања за мерката „Финансиска поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство од род 2023 година“.
Барањата се поднесуваат директно до Агенцијата на рачно пополнет образец по следна постапка:
1. Барање поднесува земјоделско стопанство кое претходно има поднесено барање за директни плаќања за засеана површина со пченица или јачмен
2. Краен рок за поднесување на барање е 15 декември 2023 година
3. Во прилог на барањето се доставува: Договор за складирање и Потврда за извршено складирање
4. Пченицата и јачменот да се предадени на складиштење кај регистриран складиштар во период од 15 јуни до 1 септември 2023 година
5. Периодот на складирање треба да е најмалку 2 најмногу 9 месеци
6. Прифатливи количини: Максимум складирани 5.000 тони по земјоделско стопанство одделно за пченица и за јачмен; максимум прифатлива количина 5 тони по хектар пријавена површина со соодветната култура
7. Висина на поддршка: 100% од трошоците за складирање и чување, со максимум прифатлива цена на услугата од 120 денари по тон за еден месец
8. Средствата се исплаќаат на сметка на складиштарот во име и за сметка на барателот
9. Складиштарот до Агенцијата ги доставува следните податоци секој последен ден во месецот, за тековниот месец: име и презиме/назив на корисникот, ЕМБГ/ЕДБ, ИДБР на земјоделското стопанство, состојба на залихите за секој корисник одделно и единечна цена на извршената услуга за складирање на образец кој е утврден од Агенцијата.
* Образецот за поднесување на барање, Потврдата и Образецот за достава на податоци од страна на складиштарот се објавени на веб страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk, во делот Директни плаќања 2023 – Обрасци
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој