На последниот ден од 52 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, организираше свечен прием на делегација од интернационалните гости на фестивалот.
На средбата, своите впечатоци за овој значаен фестивал ги споделија гостите од Србија, Полска, Италија, Колумбија, Шпанија, Мексико и САД кои заедно со македонските културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли, вечерва ќе го означат завршувањето на уште едно успешно издание на „Илинденски денови“.
Градоначалникот Коњановски, им се заблагодари на гостите за нивното присуство во Битола, за енергијата и колоритот со кои низ песна и игра, промовирајќи ги своите традиции, култури, и специфичности, ја донесоа светската музика кај нас и внесоа посебна убавина на повеќе локации во градот.
Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, се заблагодари за поддршката која фестивалот ја добива од општина Битола и битолското културно лето БИТ ФЕСТ, нагласувајќи дека „Илинденски денови“ во досегашниот период израсна генерации играорци, пречека и испрати гости од сите континенти, со што успешно се движи кон целта да стане културен туристички производ, привлечен за многу туристи кои ќе сакаат да го сретнат фолклорот на светот во еден град.
Извор: Општина Битола