На 23 февруари 2023 година, во Скопје се одржаа билатерални консултации меѓу делегациите на Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и на Црна Гора, предводени од државните секретари, Филип Тосевски и Мирослав Шчепановиќ.
На средбата беше изразено заемно задоволството од традиционалните и пријателски односи меѓу двете земји, а досегашната комуникација и соработката меѓу двете Министерства за надворешни работи беше оценета како конструктивна.
Државните секретари Тосевски и Шчепановиќ разменија мислења во однос на конкретни проекти за збогатување на билатералната соработка, со посебен акцент врз неопходноста од јакнење на економската соработка, за збогатување на билатералната правна рамка, а ги потврдија и идентичните ставови во однос на регионалната соработка и заедничка стратешка определба за европска интеграција и меѓусебната поддршка на тој пат.
Во разговорите акцент беше ставен и на безбедносно – политичката соработка, особено во рамките на Алијансата каде што сме сојузници и партнери, со посебен фокус на приоритетите на претседавањето на Република Северна Македонија со САД – Јадранската Повелба А5.
Исто така, во рамки на консултациите беа разменети и мислења за соработката на двете земји во евроинтегративниот процес, со генерален осврт на регионалната соработка, а во пресрет на претседавањето на Република Северна Македонија со ПСЈИЕ кое го презема од Црна Гора, од втората половина на 2023 година.