Министерот за финансии Фатмир Бесими започнува дводневна работна посета на Брисел каде што ќе учествува на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.
Министерот Бесими, во рамки на Дијалогот, ќе ги претстави спроведените реформи и политиките што се преземаат. Притоа ќе бидат усвоени заеднички заклучоци кои ќе бидат насока за политиките во наредниот период и составен дел на документите што се носат од страна на Владата, а воедно и ќе се земат предвид при подготовката на наредната Програма на економски реформи за периодот 2024-2026 година.
Програмата на економски реформи е најважен документ во овој дијалог со ЕК. Таа претставува среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и е детален приказ на структурните реформи за раст на конкурентноста на економијата и креирањето работни места.
На годишниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат претставници на земјите членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција. Во рамки на дијалогот во Брисел ќе се дискутира за фискалната политика, макроекономската стабилност, поттикнувањето на економскиот раст, создавањето нови работни места, структурните реформи за опоравување од кризата и јакнење на отпорноста на економиите, како и за социјалната политика.
Во рамки на посетата во Брисел, министерот за финансии ќе се обрати пред Центарот за европски политики на тема „Војната и импликациите врз Балканот: Перспективите на Северна Македонија“.
Извор: Министерство за финансии