spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Светска банка го поздрави Планот за забрзан економски раст

МФ: Светска банка го поздрави Планот за забрзан економски раст

Планот за забрзан економски раст чија цел е зголемување на економскиот раст, значително зголемување на јавните инвестиции, но и силно поттикнување на приватните инвестиции на среден рок, беше главна тема на којашто министерот за финансии, Фатмир Бесими се осврна во своето обраќање пред потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, извршниот директор во Светска банка, Кун Давидсе и директорот на канцеларијата на Светска банка за РС Македонија, Масимилијано Паолучи. На состанокот одржан во рамки на Есенските средби на ММФ и СБ, високите официјални претставници на Светска банка го поздравија Планот за забрзан економски раст, којшто треба да биде усвоен во следниот период, како и позитивните оценки во извештајот на Европската комисија за напредокот на РС Македонија во изминатата година.

 

„Планот за забрзан економски раст ќе има клучна улога во креирањето нови работни места и поттикнување на растот на економијата во Северна Македонија. Крајните цели се фокусирани на три пункта: Зголемени инвестиции, преку овозможување поефективно користење на јавните инвестиции во износ од 4 милијарди евра во наредните пет години, со повеќекратно мобилизирање  дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор; Забрзан раст – удвојување на стапките на економски раст на среден рок на 5% годишни стапки на раст; како и Обезбедување фискална консолидација – да го потпомогне намалувањето на јавниот долг на земјата под 60% од БДП на среден рок“, потенцира Бесими. Особено значајна е институционалната рамка за спроведување на Планот, којашто се темели на јасно дефинирана структура на управување со проектите.

Планот предвидува и воспоставување финансиски инструменти чија цел, како што вели Бесими, е „да се зголеми економскиот раст, не само преку инвестиции во јавниот сектор, но и преку идентификување различни начини за зголемување и охрабрување на приватниот капитал“. Дел од инструментите ќе бидат промовирани и функционални на регионално ниво.

При воспоставувањето на овие инструменти предвидено е да се добие поддршка и од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), организација во рамки на Групацијата на Светска банка.

На состанокот со СБ воедно се зборуваше и за интегрираниот информациски систем за управување со финансии (IFMIS) на чие воспоставување активно се работи, за политиките за фискална консолидација и фискална одржливост, за унапредувањето на фискалната децентрализација којашто ќе придонесе за постабилно финансирање и развој на општините, како и за реформата на здравствениот сектор со поддршка на СБ.

Министерот, исто така, информираше за воспоставениот механизам за подобрување на имплементацијата на капиталните расходи (CAPEF), којшто, како што рече, веќе дава добри резултати во делот на реализација на капиталните инвестиции.

Од почетокот на годинава до 15 октомври реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 13,9 милијарди денари и е за 55,7 проценти повисока од истиот период лани. Министерот Бесими се заблагодари за исклучително значајната поддршка што Светска банка континуирано ѝ ја дава на нашата држава.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

МЗ: Европската недела на имунизација – Се зголемува опфатот на вакцинираните...

0
Викендов во Градски парк, под мотото „Заштитуваме генерации“ ја одбележавме Европската недела на имунизација, заедно со омилените детски ликови „Биби и Боби“ и дечиња...