spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија

МФ: „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Во извештајот, „Фич“ нотира дека потврдениот рејтинг во услови на пандемија е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, развојот на човечкиот капитал, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.

Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 4,1% во 2021 година и 4,3% во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари. Домашната кредитна достапност, континуираниот раст на платите и јавните инвестиции ќе ја поддржат домашната побарувачка, но целосното закрепнување ќе зависи од развојот на пандемијата и од стапката на вакцинирано население, посочуваат од „Фич“.

„Фич“ во извештајот наведува дека процесот на евроинтеграција помага за зацврстување на политиките, поддршка на извозот, прилив на странски директни инвестиции и др.

Очекувањата на Агенцијата во врска со буџетскиот дефицит за 2021 година се дека истиот ќе изнесува 6,1% од БДП, што е пониско од ревидираната владина проекција којашто изнесува 6,5% од БДП. Како што е наведено во извештајот, Предлог-буџетот на Владата за 2022 година е во согласност со Фискалната стратегија 2022-2026 година, којашто предвидува опаѓање на буџетскиот дефицит на 4,3% и 3,5% од БДП во 2022 и 2023 година, респективно, пред да достигне 2,2% од БДП до 2026 година.

Според „Фич“, усвојувањето на новиот Закон за буџети може да обезбеди силна поддршка за фискалната консолидација преку воведување обновена фискална рамка, вклучувајќи фискални правила и формирање фискален совет.

Агенцијата очекува државниот долг да достигне 53% од БДП до крајот на оваа година и 55,3% од БДП до 2023 година. Буџетскиот дефицит би се спуштил на 3% од БДП до 2023 година, додека нето странските директни инвестиции се очекува да се позиционираат на 3,1% од БДП до 2022 година, целосно финансирајќи го дефицитот на тековната сметка.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.

Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што пак понатаму има влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, како и врз зголемувањето на вработеноста и на платите.

Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија, исто така, влијае и врз намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматните плаќања.

 

 

 

Извор: Министерство за  финансии 

Прочитајте

АФПЗРР: Јавен повик број 02/2024

0
Од денес па до 31.05.2024 година земјоделските стопанства каде носителот е индивидуален земјоделец кој е регистриран согласно Законот за вршење на земјоделска дејност, односно...