Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес оствари средба со постојаниот претставник на UNDP во Македонија Армен Григоријан, на која беа дискутирани повеќе важни теми и беа дефинирани насоките за заедничко делување во претстојниот период.
Во оваа значајна година, во која ќе се потсетиме на солидарноста со која беше обновен главниот град, УНДП ќе организира конференција, на која учество ќе земат градоначалници од 25-те земји кои му помогнаа на Скопје во 1963. Нивен домаќин ќе биде токму градоначалникот Ѓорѓиевски.
Воедно, тој побара УНДП да биде патрон на Меѓународниот конкурс за Расадник, кој е прв после земјотресот, а Програмата за развој на Обединетите нации со задоволство прифати да даде стручна поддршка и со адвокатура да го рашири во останатите меѓународни канцеларии, се со цел, да се добие поквалитетно решение кое ќе го дефинира идниот лик на Расадник како хумано место за живеење.
-Остварив продуктивна средба со постојаниот претставник на UNDP во Македонија Армен Григоријан, на која дискутиравме за повеќе теми кои се од исклучителна важност.
Разговаравме за мое вклучување како градоначалник, но и на ЗЕЛС во поддршка на претстојната конференција која ќе ја организира UNDP по повод одбележување на 60 години од разорниот земјотрес во Скопје, на која ќе присуствуваат 25 градоначалници од 25 земји кои во минатото дале поддршка за реконструкција на главниот град.
Кисела Вода исто така има своја приказна. Во Драчево и Пржино, се’ уште сведочат автентичните бараки каде што биле сместувани луѓето кои ги изгубиле своите домови, а во рамки на одбележувањето ќе бидам домаќин на градоначалниците кои ќе имаат прилика да ги посетат.
Можеби малку е познато, но Обединетите Нации во далечната 1964/65 донеле декларација со која ја презеле обврската за реконструкција на Скопје, односно објавувањето на конкурсот за обнова на Скопје, на кој победил Кензо Танге и токму затоа, побарав од UNDP да дадат поддршка односно да станат патрон на Меѓународниот конкурс за Расадник, кој пак, е прв после земјотресот. Расадник е многу важна точка за Скопје, трета зелена површина која буквално со моето доаѓање на градоначалничката функција ја спасивме од бетонизација.
Се користи за научно-истражувачка работа на земјоделскиот институт со одгледување на автохтони сорти на овошја, а милениумските цели на UNDP одат во насока на формирање зелени паметни градови и тука најдовме заеднички јазик и интерес.
UNDP со задоволство понуди да даде и стручна поддршка во остварување на нашата цел, адвокатура да го рашири во останатите меѓународни канцеларии како и да се вклучат набљудувачи во целиот процес, за што искажувам огромна благодарност-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Извор: Општина Кисела Вода